Научете повеќе за ИНВЕСТ МЕТАЛ
Инвестирањето во злато се смета како добра можност да се сочува вредноста на парите кои граѓаните ги заштедиле.
„ИНВЕСТ MЕТАЛ ДООЕЛ“ е прва компанија во земјава која увезува и тргува со инвестициски плочки и монети од злато и сребро. Започнала со работа во Северна Македонија средината на 2021 година и работи исклучиво со плочки и монети од чисто злато и сребро, односно злато со чистота 999.9 (24 карати) и сребро со чистота 999.
Додека во Македонија овој бизнис е во зачеток, тој во соседна Бугарија и во Србија е веќе развиен. Но, иако е на почеток, велат дека интересот кај Македонците за купување и воедно штедење во златни плочки е голем.
Компанијата набавува златни плочки од две светски познати рафинерии. Едната е IGR (Istanbul Gold Refinery), која е најпозната во Турција, а другата е „Valcambi“, која е најголема рафинерија во Швајцарија. Плочките на IGR се тргуваат во соседна Србија, додека пак плочките на „Valcambi“ во соседна Бугарија.
– Нашиот прв муштерија беше човек кој купи плочки од 5 и од 10 грама како подарок за својот внук. Се купуваат и плочките од 20, 50 и од 100 грама како од златари кои го топат за правење накит, така и од луѓе кои не сакаат да чуваат фиатни пари. Граѓаните купуваат по различни причини и поводи – вели Мариан Рангелов од „Инвест Mетал“.
Инвестирањето во злато се смета како добра можност да се сочува вредноста на парите кои граѓаните ги заштедиле.
– Во моментов се очекува инфлацијата да порасне бидејќи има проблеми со ланците на достава по светот, цените на горивата и суровините се покачени а по тоа ќе поскапуваат и сите стоки и услуги – вели Рангелов.
Зошто токму злато?
– Многумина мислат дека расте цената на златото. Но, не е така. Всушност, парите ја губат вредноста. Еден пример за тоа е средната плата во Шведска која во 1907 година изнесувала 161 круни (околу 65 грама злато), а во 2020 година платата е 32.400 круни со кои денес може да се купи 61 грам злато. Во 2008 година кога централните банки започнаа со емитирање на големи количини пари, берзанската цена на златото беше 20 евра за грам, а сега е 50 евра – вели Рангелов.
За да се разбере инвестицијата во злато и да се умее да се раководи со заштеденото, тој советува дека децата треба да се образуваат и да развијат финансиска писменост уште од мали нозе.
– Раководењето со финансиите е едно од најважните нешта во животот. Секој човек треба да знае што да прави со парите. Луѓето треба да развијат финансиска култура – вели тој.
Златото е пари
– Во Македонија денарот има вредност, но каква вредност има тој во Белорусија, Бразил, Мексико и во други земји во светот, и каква е вредноста на тамошните пари во Македонија? Овде не се смета фактот дека сите пари се промениле неколку пати во последните 100 години, а старите веќе и не важат. Златото и среброто се пари во целиот свет во секое време. Можат само да ја сменат формата. Можеби сега во рака држиме честици од златници од Стариот Рим или од некој сувенир од Персиското царство – додава Рангелов.
Почнувајќи од 2010 година, централните банки низ светот од нето продавачи на злато прераснаа во нето купувачи на благородниот метал. Централните банки купиле 272,9 тони злато во 2020 година. Рекордни 668 тони се купени во 2019 година. Пандемијата со ковид-19 беше силен двигател за централните банки да продадат дел од своите резерви и да внесат ликвидност во нивните економии.
Според податоците објавени на порталот Статиста, САД го држат првото место со над 8.133 тони злато во нивните трезори. На второ место е Германија со 3.359 тони, а на трето место е Италија со 2.451 тони. Русија е на петто место со 2.298 тони, а Кина е на шесто место со 1.948 тони злато.
Извор: plusinfo.mk