Што значи инвестирање во злато и дали е исплатливо?

Во денешно време, модерната економска состојба налага да ги користиме книжните пари како најпрактично средство за размена. Многумина се со мислење дека златото е антички камен кој ја нема повеќе вредноста што ја имал во минатото, тврдејќи дека единствениот негов бенефит е фактот што се употребува при изработка на накит.

Но, од друга страна, повеќето се согласуваат дека златото е одличен метод за паметно инвестирање поседувајќи многубројни квалитети.

Златото во модерната економија

Фактот дека многу држави, банки и финансиски организации (како Меѓународниот Монетарен Фонд) константно инвестираат и чуваат злато, говори за вредноста на златото која постојано се одржува.

И покрај тоа што златото не е повеќе врзано со монетарните валути како доларот, еврото или фунтата, тоа е значаен елемент на глобалната економија.

Златото ја задржува вредноста на вашето богатство

Потребата од инвестирање во злато секогаш се врти околу фактот дека златото секогаш е добар показател за вреднување на вашето богатство или имот, со генерации на назад.

На пример, доколку во 1970 сте одлучиле да купите злато за 1000 долари (прилично голема сума за тоа време), тоа злато денес ќе ја преслика вашата тогашна финансиска состојба - односно, сега тоа злато ќе вреди над 50,000 долари. Ако сте штеделе само пари, сега повторно ќе имавте само 1000 долари.

Златото како заштита од инфлацијата

Кога инфлацијата расте, а вредноста на доларот и еврото опаѓа, инвестирањето во злато е секогаш паметна одлука. Историски гледано, оваа теорија е секогаш точна.

Секогаш кога настапува инфлација, златото значително добива на вредност која потоа трајно ја задржува. Инвеститорите кои се упатени во модерните економски трендови, секогаш ги претвораат своите пари во метали од вредност.

Различни начини на инвестирање во злато

Една од главните разлики на златото од минатото и златото денес е бројот на начини со кои може да инвестирате во него. Доколку порано единствениот начин да се инвестира во злато бил физички да се поседува металот, денес постојат многу различни начини како да капитализирате на него.

Да ги наброиме најбитните:

  • Поседување златни плочки или монети;
  • Инвестирање во компании или банки кои поседуваат физичко злато;
  • Инвестирање или купување акции во рударски компании;
  • Инвестирање во фондови за берзанско тргување (ETF); итн.

Кога е добро да се инвестира во злато?

Како што спомнавме, златото е одличен панцир против инфлации. Во последните неколку години, сведоци сме на економски кризи, геополитичка нестабилност, воени конфликти, пандемија, енергетски кризи, што резултира со висок раст на цените на прехранбените продукти, бензинот, струјата, и се што ја базира својата цена врз овие параметри.

Ваквите времиња се одличен показател на вредноста на златото. Во последните 15 години, тоа ја има зголемено својата цена за неверојатни 400%. Се разбира, низ годините постојат интервали кога цената на златото може да опадне, но секој паметен инвеститор знае дека тоа е привремено. Всушност, моментите кога цената на златото опаѓа се совршен поттик за многу инвеститори да купат што е можно повеќе злато за максимално да профитираат тогаш кога неговата цела ќе се издигне.

Заклучок

Секогаш има придобивки и недостатоци при секој тип на инвестиција. Доколку сметате дека поседувањето на физичко злато е ризично, препорачуваме да разгледате опции за тргување на берза. Доколку сте помал инвеститор, вложувањето во златни плочки или монети е одличен начин финансиски да просперирате и осигурате сигурен профит во иднина.


Автор: Дарко Крстески