Златото би можело да достигне 2.200 долари до крајот на 2024 година според UBS
Златото и среброто се очекува дополнително да се искачат во 2024 година поради прогнозата дека централната банка на САД ќе почне да ги намалува каматните стапки.
„Очекуваме цената на златото да порасне поради олеснетите каматни стапки и ослабениот долар“, изјави стратегот за благородни метали, Џони Тевес, очекувајќи металот да достигне 2200 долари за унца до крајот на годината.
Цените на златото имаат тенденција да имаат обратна врска со каматните стапки. Како што се намалуваат каматните стапки, златото станува попривлечно во споредба со алтернативните инвестиции како обврзниците, кои би донеле послаб принос во средина со ниски каматни стапки.
За возврат, пониските стапки го ослабуваат доларот, правејќи го златото поевтино за меѓународните купувачи, зголемувајќи ја побарувачката.
Иако сè уште постои голема неизвесност за времето и степенот на намалување на каматните стапки, се очекува дека централната банка сепак ќе воведе олеснителни мерки. Сепак, од таму изјавија дека стапките ќе останат непроменети во текот на март.
Привлечноста на металот како безбедно засолниште се зголеми откако на 7-ми октомври започна војната меѓу Израел и Хамас што придонесе цената на златото во декември да достигне највисоко ниво од 2100 долари за унца.
„Мислиме дека инвеститорите ќе почнат да прават распределби на златото во средина каде што има многу макро несигурност и геополитички ризици“, рече Тевес.
Прогнозата за „посиромашниот братучед“ на златото е исто така оптимистичка, а среброто е на пат навистина да блесне.
Среброто не е толку типично геополитичко и безбедносно прибежиште како што е златото, што делумно објаснува зошто во последните неколку години има слаби перформанси. Но, работите може да се свртат во негова корист со олеснувањата на централните банки.
„Во сценарио каде банките олеснуваат, сметаме дека среброто ќе прикаже солиден раст. Има тенденција неговиот раст да е позабрзан од златото“, рече Тевес. „Среброто до сега имаше многу послаби резултати од златото. Затоа, има голем простор за да направи силен скок и неговиот раст може да биде доста драматичен“, додаде стратегот.
Перформансите на среброто се тесно поврзани со здравјето на целокупната економија поради неговите широки индустриски намени. Скапоцениот метал најчесто се вклучува во производството на автомобили, соларни панели, накит и електроника.
Извор: cnbc.com