Кратовската монетоковачка индустрија низ историјата

Уште од античко време, територијата на Македонија изобилувала со скапоцени метали и минерали. Поради природните богатства на земјата, Македонија често била посакувана како предел значаен за развитокот на економијата на самата држава, а и на оние од кои била окупирана низ историјата. Меѓу нив, најзначајни се Римјаните, Византијците и Османлиите.


Со оглед на тоа што голем број на рудници на злато, сребро и други благородни метали биле пронајдени во Македонија, таа уште одамна станала центар на првите ковачници на пари на Балканот.


Покрај значајните монетоковачници во Скопје и Охрид, од особена важност бил градот Кратово кој отстапува пред другите заради изобилството на руда во својата околина. Во него, честопати биле засновани монетарни ковачници каде се ковале пари во големи количини кои потоа биле пуштани во трговија низ целиот Балкан а и пошироко.


Зачетоците на Кратовската монетоковачка индустрија



Кратово, град изграден врз стар вулкански кратер од кој го добил своето име, е една од најстарите градски населби на Балканот.


Врз Кратовската Река која го дели градот на неколку маала, изградени се пет здрави камени мостови кои му го даваат препознатливиот изглед на градот. Друго обележје по кое е познато Кратово се шесте камени кули кои се поврзани со подземни тунели кои во минатото служеле како трезори за парите кои биле ковани во градот и како тајни излези низ кои се изнесувале од градот.


Рударството било примарна индустрија која го заживеала Кратовскиот крај бидејќи во неговата околина се наоѓале 31 рудника. Од таа причина, уште во Димицијаново време, во градот биле отворени монетарници кои ги користеле Римјаните за да произведуваат монети кои циркулирале низ целото Римско царство.


Покрај монети, се изработувале и други предмети и накит од злато, сребро и бакар, како што запишал арапскиот патописецот Идризи во 1153 година.


Подоцна, во 13 и 14 век, Кратово го достигнува својот најголем процут кога неговите рудници се обновени и тука е отворена дубровничка колонија.


Монетарниците што биле основани уште во римско време продолжиле да работат и во времето на турското владеење. Во еден запис од 15 век се велело дека Отоманската империја имала поголеми приходи од трговијата на Дубровчаните во Едрене, Серес и Кратово отколку од целиот данок што го собирала државата.


Околу средината на 16 век, поточно во 1550 година венецијанскиот патописец Катарин Зено го посетил градот и рекол дека кратовските рудници годишно му дават по 70 илјади дукати или околу 70 товари ковани пари. Затоа турскиот поет Заифи од 16 век во својата поема за Кратово, меѓу другото рекол:


„Наместо во Мека, Турците подобро би било да одат на поклонение во Кратово, бидејќи живеат од неговото злато...“


Во текот на 16 век во Кратово се ковале сребрени пари со ликовите на Сулејман Втори Величествени (1520-1566) и Селим Втори (1566-1574). На монетите стоела ознака „К“ што значело дека парите се ковани во Кратово.


Кратово опаднал за време на Австриско-турската војна од 1689 година и Карпошовото востание, кога Сасите и Дубровчаните го напуштиле градот, како и по изградбата на железничката линија Солун – Ниш и Балканските војни. Тогаш градот почнал да го губи и своето ориенталско обележје.


Автор: Дарко Крстески