Најтешките случаеви на хиперинфлација во светот
Замислете си дека додека го пиете вашето утринско кафе, неговата цена речиси се дуплирала. Ова секако изгледа екстремно, но сепак ја отсликува реалноста на хиперинфлацијата – состојба кога цените се менуваат толку брзо секојдневно што продуктите стануваат значително поскапи и парите ја губат вредноста во рок од само 24 часа.
Хиперинфлацијата често се случува за време на војна или серија од лоши политички одлуки, но во главно е резултат на забрзаниот доход на пари што не мже да е поддржан од растот на економијата.
Првата светска хиперинфлација е забележана за време на Француската Револуција кога месечната инфлација достигнала дури 143%, но ваквата неконтролирана инфлација не се случила повторно се до 20-от век.
Во 2008, Стив Ханке, професор на Универзитетот Џон Хопкинс и истражувач при институтот КАТО, ја проучувал хиперинфлацијата во Зимбабве и ја споредил со слични случаи кои претходно се случиле низ светот.
Неговиот извештај, објавен од CNBC, наведува дека во 20-от век имало дури 17 случаи на хиперинфлација во Источна Европа и Централна Азија, 5 во Латинска Америка, 4 во Западна Европа, 1 во Југоисточна Азија, и 1 во Африка.
Ова се петте најтешки случаи на хиперинфлација во светот:
5. Грција, Октомври 1944
Највисока месечна инфлација – 13,800%
Цените се дуплирале на секои 4.3 дена
Хиперинфлацијата во Грција всушност започнала во Октомври 1943 година при Германската окупација на земјата. Сепак, инфлацијата се забрзала кога Грчката влада во азил ја превзела контролата врз Грција во Октомври 1944 година. Цените тој месец се зголемиле за 13,000%, и уште за 1,600% во Ноември.
Во 1942, најголемата банкнота во Грција била 50,000 драхми, додека во 1944 веќе била 100 трилиони драхми. На 11 Ноември, владата ја реденоминирала валутата, конвертирајќи ги старите драхми во нови со стапка од 50 билиони наспрема 1, иако нацијата продолжила да ја користи британската воена фунта до средината на 1945.
Главната причина за грчката хиперинфлација била втората светска војна, што ја втурнала земјата во долг, ја закочила нејзината трговија, и довела до 4 години окупација од Германија.
На почетокот на војната, Грција имала буџет со вишок од 271 милион драхми во 1939, но тоа се претворило во дефицит од 790 милиони драхми во 1940. Дефицитот продолжил да биде финансиран од централната банка што го дуплирал приливот на пари во рок од 2 години.
Даночните приходи и воените расходи риплане десетструко, а Грчките финансии се движеле по надолна тракеторија.
4. Германија, Октомври 1923
Највиска месечна инфлација – 29,500%
Цените се дуплирале на секои 3,7 дена
Хиперинфлацијата била една од најголемите проблеми на Вајмарската Република во последните години од нејзиното постоење. Месечната инфлација се искачила на 29,500% во Октомври 1923 година, и со дневна инфлациска стапка од околу 20,9%, цените се дуплирале на секои 3.7 дена.
Германската хартиена марка, која била воведена во 1914 година откако земјата го напуштила златниот стандард, имала вредност од 4,2 во однос на америчкиот долар на почетокот на Првата Светска Војна, а достигнала до 1 милион марки во однос на доларот во Август 1923. Веќе во Ноември, еден долар бил разменуван за 238 милиони марки.
Огромната инфлација ја принудила владата да реденоминира, тргајќи 12 нули од лицето на марката, што ја стабилизирало валутата и Вајмарската Република продолжила да постои до 1933.
Многумина веруваат дека хиперинфлацијата во Вајмарската Република се случила поради одлуката на владата да инвестира во поправки на воените штети, но причините за инфлација се оформиле години унапред.
Во 1914, инфлацискиот процес започнал да се оформува. Германија прекинала да ја поддржува својата валута со злато и започнала ги финансира своите воени обиди со позајмици наместо со даночни приходи. До 1919 цените веќе биле дуплирани, а Германија ја губела војната, во период од 1919 до 1921 бил прилично стабилен за валутата во споредба со годините што следеле.
Репарациите воспоставени со Версајскиот Договор морале да бидат исплатени во злато или во еквивалент на странски валути наместо германски марки, па Германската влада немала како да ги избегне своите долгови. За да купи странски валути, федералната влада искористила задолжени марки и всушност го забрзала распадот на сопствената валута.
Кога Германците не успеале да ги исплатат своите доглови, Француски и Германски трупи ја окупирале долината на реката Рур во Јануари 1923 и барале исплата за репарациите во физички средства. Тоа довело до штрајкови на работничката класа во индустрискиот реон што ја влошило ситуацијата. Европските влади биле во несогласување со тоа како да се реши ситуацијата, па Германската економија забрзано тонела. Така, хиперинфлацијата во земјата траела скоро две години.
3. Југославија, Јануари 1994
Највисока месечна инфлација – 313 милиони %
Цените се дуплирале на секои 1.4 дена
Хиперинфлацијата во Југославија траела од 1993 до 1995. Својот врв го достигнала во Јануари 1994 кога цените достигнале пораст од 313 милион за месец, или 64.4% дневно. Тоа значи дека цените се дуплирале на секои 34 часа, а преку целиот период на инфлација се смета дека цените пораснале за процент од 5 квадрилиони.
Впрочем, многу Југословенски компании прекинале да го користат динарот, а германската марка станала неофицијалната валута на земјата и покрај тоа што владата го претворила динарот од 1 милион динари во 1 динар.
Во Ноември 1993, една германска марка вредела колку 1 милион динари. Веќе на 15 Декември, една марка се разменувала за 3.7 билиони динари, а при крајот на месецот, стапката на размена изнесувала 1 марка за 3 трилиони динари.
Причинители за Југословенската хиперинфлација се регионалните конфликти, локалната економска криза и лошата владина политика.
Поради рецесијата која се случила во 1970тите, земјата западнала во конфликт и политички немир во текот на 1980тите и почетокот на 1990тите. Во 1989 и 1990 над 1,100 компании банкротирале и од вкупната работна сила од 2,7 милиони работници, над 600,000 ги изгубиле своите работни места.
2. Зимбабве, Ноември 2008
Највисока месечна инфлација – 79,6 билиони %
Цените се дуплирале на секои 24.7 часа
Најсвежиот пример на хиперинфлација е Зимбабве каде во Ноември 2008 инфлацијата достигнала скоро 80 билиони проценти. Како и да е, владата на Зимбабве не објавувала податоци за најтешките месеци од хиперинфлацијата.
Цените во Зимбабве се дуплирале на секои 24 часа. Само неколку дена откако централната банка објавила банкнота од $100 милиони, таа објавила нова банкнота од $200 милиони. Цените вртоглаво пораснале и една векна леб од $2 милиони скокнала на $35 милиони за само еден ден. Владата дури и ја прогласила инфлацијата за нелегална и уапсила директори на компании заради покачувањето на цените на нивните продукти.
Ситуацијата се влошила до степен што продавачите прекинале да ја прифаќаат домашната валута и америчкиот долар, па така Јужно-Африканскиот ранд станал неофицијална валута во земјата. Кризата завршила со тоа што централната банка на Зимбабве ја обновила валутата да го следи америчкиот долар.
Патот до хиперинфлацијата во Зимбабве започнал уште во раните 1990ти кога претседателот Роберт Мугабе ја распределил имотната сопственост со што ја елиминирал земјоделската класа и ја втурнал земјата во криза со недостиг на храна.
Во текот на оваа криза, Зимбабве морала да печати толку многу пари за да ги исплаќа своите долгови и да ја плаќа војската и полиција со што во летото 2008, владата веќе била во недостиг од хартија за печатење нови пари.
1. Унгарија, 1946
Највисока месечна инфлација – 13 600 000 000 000 000 000 %
Цените се дуплирале на секои 15.6 часа
Најлошиот случај на хиперинфлација во светот е тој од Унгарија во првата половина од 1946. До средината на годината, најголема банкнота во Унгарија била 100,000,000,000,000,000,000,000 (сто квинтилион) пенги, додека во 1944 најголема банкнота била 1,000 пенги.
Унгарската инфлација својот врв го доживеала кога дневната инфлација изнесувала 195%, цените се дуплирале на секои 15.6 часа, што резултирало со месечна инфлација од 13,6 квадрилиони проценти.
Ситуацијата довела и до воведување на посебна валута за даноци и поштенски трошоци. Пенгот кој би заменет во Август 1946 целосно ја изгубил својата вредност. Пред да исчезне од употреба, сите банкноти кои циркулирале во Унгарија имале вредност како една илјадинка од еден маерилки долар.
Унгарската економија била под силен од удар од Големата депресија. Кога почнала Втората Светска Војна, државата била во лоша економска состојба, а владата печатела пари во склоп на нејзините потреби без никакви финансиски ограничувања.
Своевремено, монетите почнале да исчезнуваат од циркулација затоа што металот од кој биле направени станал многу повреден од самата вредност на валутата.
И покрај големите напори за да се стабилизира ситуацијата во Унгарија, сепак единствен излез било воведувањето на нова валута – форинтот.
Извор: profit.bg