Златните маски од Требенишката некропола

Добро познатата златна маска прикажана на банкнотата од 500 денари е еден од најзначајните артефакти од минатото на нашата нација. Таа е дел од сет од пет маски откриени во Требенишката некропола, кои се поврзани со античката македонска династија и племето Енгелани, подоцна познато како Десерати. Овие маски ја одразуваат нивната богата уметност, техничка вештина и религиозна култура.

За време на Првата светска војна, бугарски војници случајно откриле неколку гробови, што довело до првото археолошко ископување предводено од Богдан Филов и Карл Шкорпил. Откриени се 13 гробови кои се обележани со римски бројки од I до XIII a златните маски биле пронајдени во гробовите I, V, VIII и IX. Овие маски се верува дека се поврзани со локални верувања и практики за погребување.

Вакви обичаи со покривање на лицето и дланките на покојникот со златни орнаменти се практикувале и во многу други цивилизации во светот, како Египет, Микена, и други култури во Европа, Централна и Јужна Америка. Се претпоставува дека ваквите златни апликации биле изработувани од локални занаетчии.

Златната маска на банкнотите од 500 денари била пронајдена во 1932 година од страна на професорот Никола Вулиќ за време на втората истражувачка кампања во некрополата. Погребната маска е изработена од златна фолија со техника на чекан и е украсена со таканаречените осмици, кои се меѓу најпрепознатливите украси од тој предел.

Маската е висока 18,5 сантиметри и широка 17,5 сантиметри, и е единствената маска пронајдена на овој локалитет што припаѓа на женска благородничка (покојничка), за разлика од другите маски кои припаѓале на владетелите на Требење.

Повеќе од два и пол милениуми, во гробницата, под слоеви земја се криеле многу предмети, кои сега сведочат за моќта, богатството и традициите на великаните на Требеник, кои го населувале северниот брег на Охридското езеро во VI и V век п.н.е. или таканаречениот архајски период.

Од петте маски кои се пронајдени на македонската територија, две се изложени во музеј во Софија, две во музеј во Белград (вклучувајќи ја и онаа прикажана на нашата банкнота од 500 денари), а една е изложена во златната соба во Музејот и Заводот во Охрид. На археолошките локалитети се пронајдени и други фрагменти, кои укажуваат на постоење и на други вакви златни маски.

Овие маски, кои се одраз од ликовите на непознати владетели втиснати во златна фолија, според некои научници споделуваат карактеристики со грчката уметност од VI век п.н.е., а според други со македонско-илирската уметност. Но, грчките погребни ритуали во тоа време не вклучувале такви маски.

Накратко, златната маска на банкнотата од 500 денари ги претставува археолошките богатства, раскажувајќи го трајното наследство на племето Енгелани и нивното влијание врз македонската културна и историја. Ова културно богатство учествувало на повеќе изложби, меѓу кои и изложбата “100 години Требениште”, која се одржуваше во Археолошкиот музеј во Скопје во 2019 година.

Во 2023 година беше прикажана во Софија, а во 2025 година ќе биде во посета на Белград. На оваа изложба, јавноста има можност да види 400 вредни артефакти кои биле откриени во Требенишката некропола.  Ова богатство е предмет на одушевување повеќе од еден век, и сведочи за мистериите и убавините на Македонија.

 

Автор: Дарко Крстески