ЗЛАТО наспроти СРЕБРО: 5 клучни разлики што треба да ги знаете

Како што се движиме кон постпандемски свет, многу инвеститори истражуваат начини како да се подготват за идните неизвесности. Решението за некои може да вклучува инвестирање во благородни метали, како што се златото и среброто.

До различен степен, и двата метали може да обезбедат заштита при потенцијален економски и/или пазарен пад, како и за време на постојани периоди на растечка инфлација. Разбирањето на разликата помеѓу начинот на кој се користат двата метали, нивната економска чувствителност и нивните технички карактеристики може да ви помогне да одредите од кој метал може да имате најголема корист.

И двата метали имаат атрибути доволно вредни за да ги претворат во паметна стратешка инвестиција. Но, тука е прашањето: во што има повеќе смисла да се инвестира?

Еве неколку фактори што треба да се земат во предвид при одлучувањето да инвестирате во злато или сребро:

1. Среброто може да биде во потесна врска со глобалната економија

Половина од достапното среброто се користи во тешката индустрија и врвната технологија, вклучувајќи паметни телефони, таблети, електрични системи за автомобили, ќелии за соларни панели и многу други производи и апликации. Како резултат на тоа, среброто е почувствително на економските промени отколку златото, кое има ограничена употреба надвор од накитот и инвестициските цели. Кога економиите растат, побарувачката за сребро исто така расте.

2. Среброто може да биде подобра заштита за инфлација

Историски гледано, и златото и среброто имаат солидни добивки кога инфлацијата во САД расте, делумно поради тоа што зголемените трошоци за стоки и услуги често се совпаѓаат со ослабувањето на американскиот долар. И двата метали се вреднуваат во американски долари, така што кога вредноста на доларот опаѓа, златото и среброто обично растат бидејќи стануваат поевтини за купување со други валути. Со оглед на поголемата индустриска побарувачка, среброто има тенденција да расте повеќе од златото при зголемена инфлација и пад на доларот.

3. Среброто е понестабилно од златото

Нестабилноста на цените на среброто може да биде два до три пати поголема од онаа на златото на даден ден. Додека трговците може да имаат корист од тоа, таквата нестабилност може да биде предизвик при справување со ризикот при инвестирање. „Таа нестабилност може да се претвори во повисоки краткорочни добивки, но честопати носи ризик од поголеми негативни страни“, вели Николас Томпсон, кој управува со одделот за тргување со физички благородни метали на Морган Стенли - мултинационална корпорација за инвестиционо банкарство и финансиски услуги.

4. Златото е помоќен диверзификатор од среброто

Среброто може да се смета за добар диверзификатор при инвестирање со умерено слаба позитивна корелација со берзите, обврзниците и суровините. Сепак, златото се смета за помоќен диверзификатор. Тоа никогаш не е поврзано со берзите и има многу ниски корелации со другите главни класи на средства - и тоа со добра причина: за разлика од среброто и индустриските основни метали, златото е помалку погодено од економскиот пад бидејќи неговата индустриска употреба е прилично ограничена.

5. Среброто во моментов е поевтино од златото

Среброто е многу поевтино од златото, што го прави подостапно за малите инвеститори. За оние кои штотуку почнуваат да ги градат своите инвестициони портфолија, цената на среброто може да го направи самиот метал подобар избор за инвестирање.

Како можете да инвестирате во злато и сребро

Една од главните атракции на златото и среброто е тоа што и двете може да се купат во различни инвестициски форми:

Физички метали: За разлика од акциите и обврзниците, златото и среброто може да се купат како физички средства, во вид на прачки, плочки или монети кои се чуваат приватно или во сефови или трезори.

„Поседувањето злато или сребро во физичка форма предизвикува задоволство кај инвеститорите кои сакаат да поседуваат нешто опипливо што може да е лично нивно“, вели Томпсон.

Но, поседувањето плочки и монети може да има и негативни страни. Како прво, инвеститорите често плаќаат премија на цената на златните и сребрените монети поради ознаките за производство и дистрибуција. Треба да се земат предвид и трошоците за складирање, па дури и осигурување.

Фондови за берзанско тргување (ETF): Овие фондови станаа популарен начин за инвеститорите да добијат изложеност на злато и сребро, без да имаат одговорност за складирање на физички метали. Вие можете да купите акции и да ги чувате на традиционална брокерска сметка. Операторот на фондот е одговорен за справување со трошоците за одржување на физичкото снабдување со злато или сребро и наплата на коефициент за трошоците.

Но, инвестирањето во ЕТФ не им дава на инвеститорите пристап до споменатите метали. Исто така, некои ЕТФ кои тргуваат со благородни метали се оданочуваат како колекционерски предмети и немаат корист од пониските стапки на долгорочните капитални добивки.

Рударски акции и фондови: Некои инвеститори гледаат можност во поседување акции во компании кои ископуваат злато и сребро, или заеднички фондови кои имаат портфолија на овие рударски компании.


Извор: morganstanley.com