Златен предмет пронајден во Бугарија е можеби најстариот во светот
Малата златна монистра покажува дека луѓето од бакарното време обработувале злато.
Да, дијамантите се вечни, но обработеното злато на човештвото му е познато од пред околу 6.500 години. Се верува дека малиот украс е најстарото парче обработено злато откриено некогаш во Европа, а веројатно и во светот, известува Ангел Красимиров за Ројтерс.
Се смета дека монистрата претходи на претходно-пронајдените во Варна златни предмети кои се сметаа за најстари, кое како што пишува Ендрју Кари за Смитсониски Патувања, е складиште со злато пронајдено во некропола надвор од пристаништето на Црното Море. Помеѓу 1972 и 1991 година, археолозите пронајдоа 6 килограми златни артефакти закопани во некрополата. Наоѓалиштето во Варна е нешто мистериозно.
Се веруваше дека жителите на регионот се земјоделци кои мигрирале од полуостровот Анадолија само неколку века претходно. Како успеале да го совладаат топењето на бакар и злато во толку краток временски период се уште не е откриено. Оваа нова златна монистра го турка нивното мајсторство во обработката на метали уште 200 години наназад, доколку се валидира датумот.
„Не се сомневам дека е постаро од златото од Варна“, Јавор Бојаџиев, професор на Бугарската академија на науки задолжен за ископувањето, му вели на Красимиров. „Тоа е навистина важно откритие. Тоа е мало парче злато, но доволно големо за да го најде своето место во историјата“.
Артефактот е откриен на местото на ископување наречено населба „Јунаците“ во близина на сегашниот град Пазарджик, многу подалеку од Варна. Бојаџиев вели дека населбата била многу софистициран град, можеби првата урбана населба во Европа. Тој верува дека монистрата најверојатно била произведена на лице место. Истражувачите, исто така, пронајдоа стотици керамички фигурини од птици на местото, веројатно користени во некој вид религиозно обожување. Населбата исто така била заштитена со ѕид висок три метри, иако градот најверојатно бил уништен околу 4,100 години п.н.е.
Населбата „Јунаците“ се ископува уште од 1970-тите и, заедно со некрополата во Варна, е дел од новонастанатата „изгубена“ балканска цивилизација од бакарното време. Истражувачите веруваат дека оваа цивилизација се одликувала со широки трговски мрежи, индустријализирано производство на метали за прв пат во историјата и можеби дури ги создало најраните познати пишани скрипти во светот, доколку симболите што се наоѓаат на Вотивната табла од селото Градешница се сметаат за форма на пишување.
Извор: smithsonianmag.com