Златото низ светот: Антички Египет
Антички Египет – цивилизација која за прв пат го споила африканскиот со светот од Блискиот Исток. Таму златото било олицетворение на божественост и космичка сила. Овие верувања продирале низ многу аспекти на тамошното општество, од религијата па се до нивната економија и политика.
Должејќи се на неговата брилијантност и нераспадливост, златото се поврзувало со Сонцето и концептот на бесмртност. По тоа, богот на Сонцето, Амон Ра, кој бил еден од најпочитуваните божества, бил опишан како „битие од злато“. Така, тоа станало симбол на моќ и возвишеност.
Златото се користело во многу религиски ритуали – при создавање на амајлии и статуетки кои биле ставани во гробници за да ги заштитат мртвите при нивното патување кон вечноста. Исто така, тоа се користело во изградбата и украсувањето на храмовите, како и при создавањето на религиозни реликвии.
Покрај во религијата, златото имало и други намени. Фараоните, кои се сметале за живи богови, носеле златен накит и биле опкружени со златни предмети како начин да ги покажат својот божествен авторитет и моќ. Како „божества“, тие често биле закопувани со голема количина златни предмети, што служеле и за да го покажат своето богатство и статус во овој живот но и да ја обезбедат нивната сигурност и удобност во следниот.
И високите функционери и свештениците носеле златен накит со цел да го покажат својот чин и нивната блискост со фараонот. Еден од најпознатите примери за поврзаноста меѓу фараоните и златото е погребното богатство на фараонот Тутанкамон. Овој млад фараон, кој владеел во периодот на Новото Кралство, бил погребан со неверојатна количина златни предмети, вклучувајќи ја и неговата позната златна погребна маска.
Златото исто така било клучен фактор и во египетската економија. Антички Египет бил богат со рудници за злато, а контролирањето на овие рудници било значаен извор на моќ и богатство за фараоните. Египќаните го користеле златото за трговија и за финансирање градежни проекти и војни.
Египетското злато не се користело само дома, туку се тргувало и со други антички цивилизации, како што се Феникијците и Хетитите. Оваа трговија му овозможила на Египет да добие други вредни добра во замена за злато, зајакнувајќи ја својата позиција како економска и културна сила во регионот.
Стекнувањето злато во Антички Египет првенствено се вршело во рудниците на источната пустина, каде што се ископувале и природно злато и кварц збогатен со злато. Ископувањето злато било стратешка активност строго контролирана од владата, а работниците вклучени во оваа задача се сметале за суштински дел од египетската економија.
Египетските златари биле експерти за обработка на злато и создавале извонредни парчиња со фино изработени детали. Златото што го користеле Египќаните генерално содржело сребро, често во значителни количини, и се чини дека во поголемиот дел од историјата на Египет тоа не било рафинирано за да се зголеми неговата чистота.
Антички Египет игра огромна улога во оформување на вредноста на златото како материјален ресурс и божествен симбол. Оваа цивилизација успешно го препознала потенцијалот на овој драгоцен метал како дипломатска алатка. Фараоните често користеле злато за да ги зајакнат своите сојузи со странски владетели преку подароци или договори, потврдувајќи ја политичката и културната доминација на Египет во регионот.
Овој дипломатски аспект на златото не само што го обезбедил угледот на Египет, туку и ја утврдил неговата улога како важен играч на древната геополитичка сцена, подигнувајќи го влијанието на египетските фараони на глобално ниво.
Во срцето на оваа фасцинација со златото лежи верувањето во неговата магична моќ, верување кое ја дефинирало древната египетска цивилизација. Така продолжува да не фасцинира и ден денес.
Автор: Дарко Крстески
Извори:
https://egypt-museum.com/gold-in-ancient-egypt/
https://luxonomy.net/en/egypt-the-gold-of-the-gods/
https://www.metmuseum.org/toah/hd/egold/hd_egold.htm