Гана планира да купува нафта со злато наместо со долари

Овој потег е насочен кон справување со намалените девизни резерви во услови на зголемена инфлација и слабеење на локалната валута.

Владата на Гана работи на нова политика за купување нафтени деривати со резерви на злато наместо со американски долари, објави на Фејсбук потпретседателот Махамуду Бавумиа.

Овој потег, објавен во четвртокот, има за цел да се справи со намалените девизни резерви заедно со побарувачката за долари од увозниците на нафта, што ослабува локалната валута и ги зголемува животните трошоци.

Бруто меѓународните резерви на Гана изнесуваа околу 6,6 милијарди долари на крајот на септември 2022 година, што е еднакво на помалку од три месеци покриеност на увозот. Тоа е помалку од околу 9,7-те милијарди долари на крајот од минатата година, според владата.

Доколку се спроведи како што е планирано за првиот квартал од 2023 година, новата политика „суштински ќе го промени нашиот платен баланс и значително ќе го намали постојаното опаѓање на нашата валута“, изјави Бавумиа.

Употребата на злато ќе спречи девизниот курс директно да влијае на цените на горивото или комуналните услуги бидејќи на домашните продавачи повеќе нема да им се потребни девизи за увоз на нафтени деривати, објасни тој.

„Замена на злато за нафта претставува голема структурна промена“, додаде тој.

Предложената политика е невообичаена. Додека некои земји понекогаш тргуваат со нафта за други стоки или суровини, таквите зделки обично вклучуваат нација која произведува нафта и прима не нафтени стоки наместо спротивното.

Гана произведува сурова нафта, но се потпира на увоз за рафинирани нафтени производи откако нејзината единствена рафинерија беше затворена по експлозија во 2017 година.

Објавата на Бавумија беше објавена кога министерот за финансии Кен Офори-Ата најави мерки за намалување на трошоците и зголемување на приходите во обид да се справи со тешката должничка криза.

Во презентацијата на буџетот за 2023 година пред парламентот во четвртокот, Офори-Ата предупреди дека западноафриканската нација е изложена на висок ризик од проблеми со долгот и дека намалувањето на вредноста на локалната валута сериозно влијае на способноста на Гана да управува со својот јавен долг.

Владата преговара со Меѓународниот монетарен фонд за пакет за помош, бидејќи земјата производител на какао, злато и нафта се соочува со најголемата економска криза до сега. 


Извор: aljazeera.com